Јапонска старт ап компанија го пушти на пазарот својот летечки мотор (хавербајк), чија цена е 680.000 долари. „XTurismo Limited Edition“ на „А.Л.И. технолоџис“ вчера почна да се продава во Јапонија и поддржувачи на проектот се „Мицубиши“ и фудбалерот Кеисуке Хонда.
Од компанијата велат дека 300 килограми тешкиот едносед може да лета до 40 минути со едно полнење со максимална брзина од 100 километри на час. Таа планира да го произведе во 200 примероци до средината на следната година. Секој е опремен со конвенционален мотор и со четири мотори на батериски погон.
„Досега изборот беше да се движите на копно или на небо. Ние нудиме нов метод на движење“, изјави извршниот шеф на „А.Л.И. технолоџис“, Даисуке Катано.
Пренаселеноста е голем проблем за Токио, кој има 13,5 милиони жители. Сепак, сегашните закони забрануваат летечките мотори да летаат над прометните патишта во Јапонија.