Јапонските власти рекоа дека внимателно ќе следат дали Кина го исполнила ветувањето дека ќе спречи понатамошно нарушување на воздушниот простор на Јапонија, откако објаснија дека упадот на кинески воен авион пред речиси три месеци бил ненамерен.

Токио протестираше и побара објаснување од Пекинг откако кинескиот извидувачки авион И-9 на 26 август накратко навлезе во воздушниот простор на Јапонија кај главниот остров Кјушу, поради што јапонската војска подигна борбени авиони.

Кабинетот на премиерот објави дека Кина го признала прекршувањето на воздушниот простор и ја уверила Јапонија дека ќе направи напори да спречи повторување.

„Го земаме предвид кинеското објаснување и отсега внимателно ќе ја следиме кинеската воена активност“, изјавија тие.

Кина соопшти дека прекршувањето на воздушниот простор се случило кога пилотот на авионот презел итни мерки како одговор на турбуленциите во областа и дека тоа не било намерно, соопшти јапонското Министерство за надворешни работи. Јапонските власти не открија други детали.

Иако авионите можат да се најдат во турбулентни услови, толку значително отстапување од патеката на летот е незамисливо, изјавија јапонските власти.

Телевизијата NHK објави дека јапонските одбранбени претставници рекле дека сè уште го сметаат нарушувањето на воздушниот простор за неприфатливо, бидејќи тоа е сериозно нарушување на територијалниот суверенитет.

Претставниците на Токио се загрижени поради зголемената воена активност на Кина околу југозападните води и воздушниот простор на Јапонија. Ова доведе до тоа Токио значително да ја зајакне својата одбрана во областа, која се смета за клучна за стратегијата за одбрана на Јапонија.

Јапонија е загрижена и за воените активности на Кина, Русија и Северна Кореја, пренесуваат медиумите.

Текстот Јапонија: Ја следиме воената активност на Кина и ќе спречиме нарушување на нашиот воздушен простор е превземен од МАКФАКС.