Министерот за здравство Илир Демири и заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева денеска присуствуваа на потпишувањето нови грант-проекти во рамки на Јапонската програма за мали грантови за основни потреби и човечка безбедност, во организација на Амбасадата на Јапонија. Директори на три јавно здравствени установи потпишаа договори со јапонската амбасада.
Со овие грантови се опфатени три јавни здравствени установи, како што се: Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје, која се зајакнува со нов апарат за ултразвук; Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, каде е предвидено реновирање на подовите и вратите; додека за Здравствениот дом Неготино е предвидена набавка на нов дигитален рендген апарат, изјави министерот за здравство Демири на потпишувањето.
Амбасадата на Јапонија е наш партнер во заложбите за унапредување на квалитетот на здравствените услуги и зајакнување на капацитетите на јавното здравство. Показател за одличната соработка која ја негуваме со Јапонија и јапонската амбасада се бројните реализирани проекти во областа на здравството и вредните инвестиции кои досега се реализирани во над 70 јавни здравствени установи низ целата држава, кажа Демири.
Тој се заблагодари до амбасадорот Оцука Казуја и јапонската амбасада за овој значаен придонес честитајќи 30 години дипломатски односи помеѓу Македонија и Јапонија.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.