Официјални лица од Јапонија и воената алијанса на НАТО денеска се договорија за зајакнување на воената соработка. Тие, исто така, се согласија да го зголемат спроведувањето на заедничките воени вежби, поради загриженоста дека руската воена операција во Украина го нарушува безбедносното опкружување во Европа и Азија.
Advertisements
Јапонскиот министер за одбрана Нобуо Киши на почетокот на средбата со претседавачот на Воениот комитет на НАТО, Роб Бауер, изјави дека Јапонија сака да ги зајакне врските со европските земји. Тој додаде дека Јапонија го поздравува поширокиот ангажман на НАТО во индо-пацифичкиот регион.
Јапонското Министерство за одбрана објави и дека јапонски и американски борбени авиони спровеле заеднички вежби над Јапонското Море.
Кабинетот на премиерот Фуми Кишида го одобри планот кој предвидува зајакнување на одбранбените капацитети и зголемување на буџетските средства за одбраната во следните пет години.
Наведените причини се зголемените тензии во однос на Тајван и посветеноста на земјите од НАТО да потрошат два отсто од бруто домашниот производ за одбрана. Јапонија моментално троши нешто повеќе од еден процент од БДП за одбрана.
Планот предвидува развој на способности за превентивни напади и развој и зајакнување на вселенската, сајбер и електромагнетната одбрана. На состанокот со американскиот претседател Џозеф Бајден минатиот месец, Кишида изрази решеност да ги зголеми одбранбените способности на земјата.
Покрај сојузите со САД и другите земји од Индо-пацифичкиот регион, Јапонија веќе извесно време ја зајакнува воената моќ и соработката со европските земји, поради можна закана од Кина.
Премиерот Кишида беше поканет на самитот на НАТО кон крајот на јуни. Доколку присуствува, Кишида ќе биде првиот јапонски премиер што ќе го стори тоа. Во мај, јапонскиот началник на Генералштабот Коџи Јамазаки присуствуваше на состанокот на колегите од НАТО во Белгија./Makfax