Словенечките ракометари признаа дека имаа сериозен прв тест на Европското првенство против Македонија и не пропуштија да ја пофалат храбрата игра на репрезентацијата предводена од Кирил Лазаров, но Блаж Јанц нагласи дека тој и неговите соиграчи добиле и мало пореметување од изненадувачката вест пред мечот.
Тактичките замисли на Љубомир Врањеш сигурно биле фокусирани кон неутрализирање на Кирил Лазаров, но за жал на два часа пред мечот со Словенија пристигна вест дека капитенот е повреден и дека ќе ја извршува само улогата на селектор.
Јанц беше важен во триумфот на Словенија со својата добра игра на стартот на вториот дел кога постигна три гола во краток временски интервал, но во анализата за мечот, нагласи дека комплетното издание на тимот можеби е и одраз на целосниот тактички пристап кој бил насочен кон Лазаров.
– Не се прикажавме во најдобро издание против Македонците, но првите натпревари секогаш се најтешки. На крајот освоивме два бода и тоа е најважно.
– Искрено, бевме изненадени пред почетокот на мечот. Мислевме дека ќе игра Кирил Лазаров и се подготвувавме за него. Откако увидовме дека не е во протоколот, моравме и ние да ја прилагодуваме нашата игра. Сега треба добро да се подготвиме за следниот меч со Данска. Среќни сме за остварената победа над Македонија, но со Данска ќе мораме многу подобро, – заклучува Јанц.