18-годишната Јана ќе ја претставува Македонија на ФИС Светскиот скијачки куп во Леви, Финска
На само 18 години Јана Атанасовска испишува историја како првата Македонка што ќе се натпреварува во алпско скијање на ФИС Светскиот скијачки куп. Јана ќе го претстави знамето на Македонија во дисциплината слалом на утрешната трка со почеток во 11 часот. Овој настап претставува огромен успех и достигнување не само за Јана туку и за македонскиот спорт поставувајќи нови стандарди и инспирација за идните генерации.
Јана Атанасовска, која со својата посветеност, истрајност и талент успеа да го достигне светскиот врв, тренира интензивно и со голема посветеност изминатите години, а нејзиниот успех претставува одличен пример за сите млади спортисти. Во својата кариера Јана се истакна со многубројни успеси на регионални и меѓународни натпревари, а сега таа ќе се натпреварува рамо до рамо со најдобрите светски скијачки, меѓу кои и најдобрата скијачка на сите времиња – Микаела Шифрин. Јана, заедно со своите тренери Александар Атанасовски-Чаве, кој е и нејзин татко, и Игор Загерник, се наоѓа во Леви, Финска, подготвена за своето историско деби на ФИС Светскиот скијачки куп.
ФИС Светскиот скијачки куп во Леви, Финска, е еден од најочекуваните настани во алпското скијање, особено познат по натпреварите во дисциплината слалом. Традиционално, трките се одржуваат во ноември, со учество на светската елита во машка и женска категорија. Леви е првата слаломска трка во сезоната на ФИС Светскиот куп во алпско скијање и означува официјално отворање на натпреварите.
Скијачката федерација на Македонија со гордост ја поддржува Јана и ѝ посакува многу успех во остварувањето на нејзините цели и соништа.
Текстот Јана Атанасовска испишува историја како прва Македонка во алпско скијање на Светскиот скијачки куп е превземен од МАКФАКС.