Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски изјави дека како градоначалник на Кисела Вода докажал дека може да се стави ред во урбанизмот, спречувајќи прекумерно градење.

Тој најави формирање експертски урбанистички тим кој ќе работи на растеретување на централното градско подрачје и насочување на развојот кон периферијата.

„Ќе формирам урбанистички тим од врвни експерти кој ќе помогне да се запре прекумерното градење во центарот“, рече Ѓорѓиевски.

Потсети дека како градоначалник на Кисела Вода бил првиот што спровел постапки и против индивидуални и против колективни објекти.

„Законот мора да важи еднакво за сите. Барам Град Скопје да има сопствена градежна инспекција или државата да го преземе тој дел, за да нема поделба на одговорност“, нагласи тој за „Трилинг“.

Ѓорѓиевски додаде дека дел од дивоградбите се објекти во кои живеат граѓани и истите мора да бидат безбедни. Според него, многу од овие објекти постојат веќе 15-20 години, но тоа не ја исклучува потребата за проверка на истите. Ѓорѓиевски додаде дека, кога станува збор за нови дивоградби, би бил уште поригорозен во санкционирањето.Makfaks.