По повеќе од три години застој, денес во просториите на Град Скопје се одржа првата седница на Координативното тело на градоначалници. Со повторното активирање на ова тело се воспоставува редовна и функционална пракса на координација меѓу сите општини, со цел навремено и системски решавање на проблемите во Скопје, информираат од Град Скопје.

Градоначалниците, како што е нагласено во соопштението, договориле заеднички пристап во креирањето на Буџетот на Град Скопје и во дефинирањето на приоритетите, со што, како што е нагласено ќе се овозможи поефикасно адресирање на наталожените предизвици, но и подобра усогласеност во реализацијата на нови проекти од интерес на граѓаните.

„Оваа соработка ќе значи брзи, координирани и практични решенија на терен.

Состојбите што ги наследи Градот беа критични – нарушена финансиска стабилност, нефункционални јавни претпријатија и нерешени комунални проблеми. По преземените мерки, ситуацијата е стабилизирана и ставена под контрола. Ги расчистивме големите и малите диви депонии, градот е значително почист, а јавните претпријатија кои со месеци немале примено плата во меѓувреме се консолидирани со уредени здравствени и пензиски придонеси.

Започнати се и тендерски постапки за клучни проекти предвидени во програмата: решавање на проблемот со Лимак, изградба на кружниот тек во Ѓорче Петров, стабилизација на водниот притисок во високите зони и серија други инфраструктурни и комунални зафати што директно ќе го подобрат животот на скопјани.

Еден од најзначајните и најдраги проекти што се најавуваат е Луна Паркот. По децении чекање, процесот конечно ќе започне, овозможувајќи им на најмладите долгоочекувано место за забава и рекреација“.

Паралелно, информираат надлежните, Градот спроведува динамична акција за отстранување на времените објекти кои го узурпираат јавниот простор.

„Целта е јасна – ослободување на тротоарите, уреден јавен простор и безбедно движење на пешаците.

Градот најавува интензивна работа во сите општини, паралелна реализација на повеќе проекти и темпо што ќе донесе видливи резултати за граѓаните.

„Следува многу работа и многу посветен труд. Ќе работиме дисциплинирано, координирано и со јасна цел – подобро Скопје за сите граѓани. Најдоброто допрва доаѓа,“ изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Текстот Ѓорѓиевски: Состојбата во градот ставена под контрола, ќе работиме дисциплинирано е превземен од МАКФАКС.