Денес се одржа последната седница на Генералното собрание на ЗЕЛС во актуелниот состав, пред претстојните локални избори. На седницата, свое обраќање имаше претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој направи осврт на сработеното во изминатиот период и упати благодарност до сите делегати за досегашната соработка.
Во своето излагање, посочи дека изминатата година беше особено продуктивна. Како клучни постигнувања ги истакна потпишувањето на новиот Меморандум за соработка со Владата, добиената финансиска поддршка преку унгарскиот кредит за инфраструктурни проекти, како и засиленото партнерство со повеќе министерства, особено во делот на финансирање на општините и противпожарната заштита. ЗЕЛС, како што истакна, продолжува активно да работи на своите три стратешки цели – лобирање пред централната власт, јакнење на капацитетите на општинската администрација и поддршка за дигитализацијата на општинските услуги. Беше најавено и дека е во тек изработка на нова петгодишна стратегија за периодот 2026–2030 година.
Меѓу значајните законски измени што се во собраниска процедура, беше посочена и иницијативата на ЗЕЛС за можност за отповикување на градоначалникот, како и институционализацијата на форумите во заедницата како алатка за поголемо учество на граѓаните во донесувањето одлуки.
– Почитувани делегати, локалните избори се пред нас и денес можеби е и последната средба во овој состав на делегати на Генералното собрание на ЗЕЛС. Им честитам на оние што се веќе ставени на листите за изборната трка за градоначалници или советници и очекувам да спроведеме фер и демократски избори. Во таа насока, како претседател на ЗЕЛС ви се заблагодарувам на сите за поддршката што ми ја дадовте во изминатиот период. Се трудев да ја оправдам довербата и мислам дека успеав во тоа. Работевме многу, работевме посветено и чесно. Пред нас се локалните избори – нека бидат фер, демократски и достоинствени. Да покажеме дека зрелоста на едно општество се мери и со начинот на кои ги спроведува изборите. Нека бидат празник на демократијата, а не арена на поделби“, истакна Ѓорѓиевски.