Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, денеска присуствуваше на 28-та седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, на која се дискутираше по повеќе значајни точки од интерес за општините и локалната самоуправа.

Седницата се одвиваше според предвидениот дневен ред, а беше договорено и закажување на Осмата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС. Детално се разгледуваа и дискутираа и предлозите за финансискиот, наративниот и ревизорскиот извештај за работата на ЗЕЛС за 2024 година, измените и дополнувањата на буџетот на ЗЕЛС и Планот за јавни набавки за 2025 година.

Тема на дискусија беа и потпишувањето на нови меморандуми за соработка со неколку значајни партнери, како и предложените измени на Законот за урбано зеленило.

-Континуираното функционирање на ЗЕЛС како заедничка платформа на сите општини е од клучно значење за унапредување на локалната самоуправа. Денешната седница уште еднаш потврди дека преку отворен дијалог, соработка и споделување искуства, можеме ефикасно да одговориме на предизвиците со кои се соочуваат општините. Ваквите средби се важни затоа што од нив се носат конкретни заклучоци и насоки за делување. Убеден сум дека преку ваков заеднички пристап ќе продолжиме да градиме посилни и пофункционални општини за сите наши граѓани -изјави Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.

Текстот Ѓорѓиевски: Континуираното функционирање на ЗЕЛС од клучно значење за унапредување на локалната самоуправа е превземен од МАКФАКС.