Управниот одбор на Заедницата на локални самоуправи (ЗЕЛС) донесе заклучок со кој ќе препорача сите локални самоуправи да ги откажат или да најдат соодветна замена за планираните јавни настанати. Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода вели дека еден од прифатливите предлози за замена на планираните јавни настани е садење дрвја во чест на загинатите во пожарот во Кочани.

„Донесовме заклучок како ЗЕЛС сите оние јавни настани кои биле планирани од страна на локалната самоуправа во наредниот период нашата препорака е до градоначалниците, до директорите на училиштата до директорите на јавните установи да бидат откажани или да се најде соодветна замена за начин на интерпретација на тие настани. Еден од предлозите беше во чест на жртвите, оние млади лица кои ги изгубија своите животи, за жал, да бидат засадени дрвја во наредниот период, ширум државата. На тој начин да оддадеме почит кон нив“, рече Ѓорѓиевски.

Тој денес извести дека во вонредните надзори во училиштата, градинките и сите јавни објекти во кои се собираат деца и млади ширум земјава, иницирани по пожарот во Кочани, е утврдено дека тие се безбедни. Во следниот период најави вонредни инспекции во сите станбени згради.