Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ повторно е ставен во имиграциски притвор во Мелбурн каде ќе го чека почетокот на официјалното рочиште на кое ќе се одлучува дали ќе може да остане во Австралија откако му беше укината визата по втор пат. На подготвителното рочиште, одржано синоќа, судијата Дејвид О’Калахан закажа официјално рочиште пред Федералниот суд на Австралија за сабота во 23.30 часот по средноевропско време.
Судијата допрва треба да одлучи дали конечната одлука за Ѓоковиќ ќе ја донесе еден судија или тричлена комисија, како што побараа адвокатите на српскиот тенисер.
Ѓоковиќ претходно имал разговор со имиграциските власти, но деталите од тој разговор не се познати.
Австралиската виза на Ѓоковиќ беше укината по втор пат, откако тој влезе во земјата невакциниран против коронавирусот, но со медицински исклучок, за да учествува на Австралија Опен.
Одлуката за укинување на визата ја донесе министерот за имиграција, Алекс Хок, бидејќи, според него, присуството на невакциниран играч може да поттикне негативна кампања за вакцинација против коронавирус.
Визата на Ѓоковиќ беше укината за прв пат по неговото пристигнување во Мелбурн, откако службениците на австралиските погранични власти процениле дека тој „не дал соодветни докази“ за да добие медицинско ослободување.
Потоа помина неколку дена во хотел за имигранти пред да ја добие првата тужба на суд кога беше одлучено да му се врати визата и да го ослободи од притвор.
Ѓоковиќ се обидува да го освои рекордниот 10. трофеј на тој турнир и рекордната 21. Грен слем титула на Австралија Опен.
Во понеделник започнува натпреварувањето за првиот Грен слем турнир.