Руските сили ја окупираа нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина, која е и најголема атомска централа во Европа. Во 2 часот по полноќ се слушнаа првите детонации. Акцијата на руската армија го вклучи меѓународниот аларм за можна трагедија најмалку десет пати поголема од онаа во Чернобил. Како резултат на нападите има неколку мртви и десетици повредени, јавува Министерството за надворешни работи на Украина. Нуклеарниот инспекторат на Украина соопшти дека се оштетени само објекти околу централата, но не и шесте реактори.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги обвини Русија и Путин дека сакаат да ја повторат катастрофата од Чернобил од 1986 година.
„Најголемиот нуклеарен комплекс во Европа беше зафатен од пламен. Русите намерно отворија оган врз неговите 6 реактори користејќи тенкови опремени со термички снимки. Во споредба со глобалната катастрофа во Чернобил во 1986 година, последиците во Запорожје би биле многу потешки. Ако овде имаше експлозија, сè завршува, Европа завршува“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Градоначалникот на градот Енергодар, Дмитро Орлов, каде што се наоѓа нуклеарната централа, изјави дека и покрај прекинот на гранатирањето, ситуацијата во градот и понатаму е сериозна.
„Бомбардирањето престана, пожарот е изгаснат, но ситуацијата и понатаму е тешка. Синоќа немаше греење, вода и струја. Екипите работат на поправка. Има повредени лица од гранатирањето кои биле на нивното работно место или во близина на погонот“, рече Дмитро Орлов, претседател на Енергодар.
Рускиот претседател Путин ги повика западноевропските земји да ги нормализираат односите со Русија. Тој додаде дека нема лоши намери кон соседите, мислејќи на Украина, а во однос на санкциите стави до знаење дека тие уште повеќе може да ја влошат ситуацијата.
„Би ги советувал да не ја ескалираат ситуацијата, да не воведуваат никакви ограничувања. Ги исполнуваме сите наши обврски и на овој начин ќе продолжиме. Не гледам потреба од ескалација на ситуацијата и прекин на нашите односи“, нагласи Владимир Путин, претседател на Русија.
Рускиот конвој, кој со денови престојува на периферијата на Киев, според американското разузнавање, останал без гориво и затоа не можел да напредува кон главниот град. Во меѓувреме, ситуацијата во источните и југоисточните делови на земјата се влоши. Мариупол помина цела вечер под гранати, а градоначалникот дури и бараше интервенција од НАТО. Во Житомир едно училиште било целосно уништено, додека други објекти од особено значење биле бомбардирани, како болници, градинки и складишта за храна. Министерството за одбрана на Украина во дневниот извештај објави дека бројот на убиени руски војници се искачи на 9.200, а уништени биле борбени возила, хеликоптери, авиони, тенкови и ракетни фрлачи. Русија успеа да ја преземе контролата врз градот Херсон, напредува кон Харков, Мариупол и Житомир. Во текот на 9-те дена инвазија, украинскиот претседател Зеленски преживеал најмалку 3 атентати.
Адриан Керими