Шпанскиот премиер Педро Санчез денес објави девет мерки против Израел, вклучувајќи ембарго за оружје, со цел „запирање на геноцидот“ што земјата го спроведува во Палестина.
„Едно е да ја браниш својата земја, а друго е да бомбардираш болници и да ги изгладнуваш децата“, рече Санчез во говорот од зградата на владата во Мадрид.
„Не станува збор за одбрана, па дури ни за напад, туку за истребување на народ кој не може да се одбрани. Тука се прекршени сите закони на хуманитарното право“, додаде тој.
Санчез ја обвини меѓународната заедница за соучество во злосторството на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, потсетувајќи дека израелската армија убила 63.000 луѓе, ранила 159.000, изгладнела 250.000 и протерала повеќе од 2 милиони од своите домови.
„Шпанската влада итно ќе усвои мерка за правно регулирање на воведувањето ембарго за оружје врз Израел“, рече Санчез.
Ова ќе забрани купување и продажба на оружје, муниција и воена опрема на Израел. На шпанските пристаништа нема да им биде дозволено да примаат бродови што транспортираат гориво за израелската армија, додека на авионите што транспортираат резерви за израелските вооружени сили ќе им биде забрането да влегуваат во шпанскиот воздушен простор.
„Ќе забраниме влез во Шпанија на сите лица кои директно учествуваат во геноцид, кршење на човековите права и воени злосторства во Појасот Газа“, рече премиерот.
Шпанија, исто така, ќе забрани увоз на сите производи што доаѓаат од израелските населби во окупираниот Западен Брег и Појасот Газа со цел „да се сузбие окупацијата, да се запре присилното протерување и да се олесни решението за две држави“.
фото: принтскрин
Текстот Шпанскиот премиер: Едно е да ја браниш својата земја, а друго е да бомбардираш болници и да ги изгладнуваш децата е превземен од МАКФАКС.