Шпанија го регистрираше првиот случај на заразени со омикрон сојот на коронавирусот. Станува збор за 51-годишен маж кој вчера преку Холандија допатувал од Јужноафриканската Република, соопштија здравствените власти во Мадрид.
Мадридската лабораторија која го секвенционирала и потврдила новиот сој соопшти дека пациентот е во добра здравствена состојба и има благи симптоми.
Досега, омикрон сојот беше потврден во десетина земји откако за првпат беше откриен во Јужноафриканската Република. Тој предизвика бран рестрикции и затворање на границите за патниците од овој регион. Меѓу европските земји кој го потврдија се Холандија, Германија, Италија и Велика Британија. Сомнителен случај регистрираше и Австрија. Тој беше потврден и во Хонг Конг, Израел, Австралија.