Германскиот канцелар Олаф Шолц повика на итен прекин на огнот во Појасот Газа по средбата со јорданскиот крал Абдула Втори во јужниот јордански пристанишен град Акаба, јави ДПА.
„Апсолутно е јасно дека сега мораме да направиме се што е можно за да спречиме влошување на ситуацијата“, рече Шолц.
Во својата втора посета на регионот од почетокот на конфликтот, германскиот канцелар се изјасни против израелската копнена офанзива во градот Рафах.
Додаде дека планираниот напад на Рафах, каде во моментов се наоѓаат повеќе од милион Палестинци, ќе биде предмет на разговори со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху подоцна денеска, во рамки на посетата на канцеларот на тој регион.
„Сега се работи за тоа да обезбедиме траен прекин на огнот, што ќе ни овозможи да спречиме копнена офанзива на Рафах“, додаде Шолц.
Тој нагласи дека мора да се спречи влошување на ситуацијата, повторувајќи дека Израел има право на самоодбрана, како и дека е невозможно раселените во Рафах да бидат „директно загрозени од какви било воени акции и операции кои таму се преземаат“.