Германскиот канцелар Олаф Шолц уште еднаш се обиде да ги убеди германските граѓани дека земјата нема да стане дел од војната во Украина поради континуираната поддршка за Киев во неговата битка против руските сили, јави ДПА, пренесе МИА.
„Да, давам гаранција“, рече тој како одговор на прашање во Бундестагот, повторувајќи ги коментарите што ги даде претходно. – Стојам зад тоа како канцелар“, додаде тој.
Шолц ја отфрли идејата дека може да има прекин на огнот во Украина под руски услови.
– Според мое мислење, прекин на огнот што вклучува капитулација на Украина е нешто што Германија никогаш не треба да го поддржи, нагласи тој. Канцеларот истакна дека ова не е апстрактно прашање, „како што можете да видите од овој чуден мировен предлог на Путин“.
– Тој рече дека е подготвен да се согласи на прекин на огнот доколку Украина му даде бесплатно повеќе територија, така да се каже… Тоа покажува дека Путин нема намера да стави крај на војната, вели Шолц.