Кандидатот и актуелен градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Петре Шилегов денеска на прес-конференција ги промовираше реализираните проекти и проектите што се планираат да се реализираат во наташниот период во Општина Чаир. Тој истакна дека Скопје е град за сите и оти во изминатите години, Скопје првпат по повеќе децении се развива рамномерно во сите општини, во секоја населба, во секое маало.

– Затоа во Чаир во изминативе четири години во развојот на инфраструктурата вложивме многу. За нас не постојат помалку или повеќе важни општини. За нас постојат важни и само важни луѓе. Секој човек е важен и секоја општина во Град Скопје е важна. Особен приоритет на Град Скопје е посветен во моментот на изработка на проектна документација за реконструкција, меѓутоа и изведба на булеварот „Цветан Димов“ на потегот од раскрсницата со „Џон Кенеди“  до раскрсницата со булеварот „Никола Карев“.  „Цветан Димов“ преминува во модерно булеварско решение со шест коловозни ленти, по три во еден правец, тротоари, велосипедски патеки, обновено зеленило и ново осветлување по должината на целата траса од 1.100 метри, рече Шилегов.

Тој потенцира дека од особена важност е и фактот што на овој потег плански и стратешки го предвидуваат поминувањето на Бас рапид транзитот низ Чаир. Тој очекува дека следната година да навлезат во реализацијата на овој булевар. Шилегов потсети дека минатата година ја реконструирале „Џон Кенеди“ на потегот од „Македонско-косовска бригада“ до булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“.

– Тука извршивме реконструкција на коловозот и велосипедските патеки со замена на оштетените рабници. Со изведбата на „Цветан Димов“ и реконструкцијата на „Џон Кенеди“ конечно добиваме две важни велосипедски рути кои водат кон централното градско подрачје. Изминативе четири години  ги реконструиравме и булеварите „Никола Карев“, „Крсте Петков Мисирков“, улиците „Македонско-косовска брида„, „Втора македонска бригада“ и „Кемал Сејфула“ каде што изградивме нов кружен тек. Новите и реконструираните сообраќајници ги облагородивме со прекрасно булеварско зеленило и модерно лед осветлување. Недостатокот од тротоари и велосипедски патеки во оваа општина го надоместивме со изградба на околу 10 километри нови велосипедски патеки и околу шест километри тротоари, рече тој.

Висар Ганиу, кандидат и актуелен градоначалник на Општина Чаир од ДУИ изјави дека проширувањето на булеварот „Цветан Димов“ е еден од најважните проекти што на крајот, како што рече, ќе го олесни сообраќајот и ќе ги забрза комуникациските линии.

– Покрај тоа, опремата со велосипедски патеки ќе го подобри и намали загадувањето. Оваа улица со должина од 1000 метри ќе се прошири на двете страни од улицата со ширина од 35 метри, која ќе има шест ленти, зеленило помеѓу лентите, тротоари од двете страни и велосипедски патеки. Оваа инвестиција според проектираното  треба да чини околу седум милиони евра.  Проширувањето на улицата „Македонска-косовска бригада“ е улица со должина од 1.600 метри и ќе се прошири од двете страни со широчина од 40 метри, која ќе има четири ленти, зеленило, тротоари, велосипедски патеки, рече Ганиу.

Тој потенцира дека ќе работат на решавање на спорадичните улици и  со еднонасочен режим, и тоа се улиците „Крсто Арсенов“, „Павле Илиќ“, “Добри Даскалов“„Струмилка“ и „Ресенска“. Посочи дека со овој проект ќе се превидат нови паркинг места за возилата, како и олеснување во сообраќајот.