Украина го зголемува бројот на силите во областа Курск во Русија, изјави денеска украинскиот врховен командант Олександр Сирски, пренесе „Си-би-ес Њуз“.
Оваа одлука доаѓа во пресрет на клучните разговори меѓу украинските и американските претставници во Саудиска Арабија, кои ќе се одржат денеска.
Украинската војска започна офанзива во рускиот регион Курск во август, што ги изненади дури и нивните западни сојузници и зададе неочекуван удар на Кремљ. Меѓутоа, од неодамна Украина губи освоена територија, а само минатиот месец загубија две третини од територијата што некогаш ја контролираа во Курск.
„Донесов одлука да ја засилиме нашата група со потребните сили и средства, вклучително и електронско војување и беспилотни компоненти“, напиша Сирски во понеделникот на социјалните мрежи.
Москва тврди дека ја вратила контролата врз голем број села, вклучувајќи го и брзиот напредок во последните денови. Исто така, тврди дека зазеле село во украинскиот регион Суми, Новенке, кое не е далеку од витална рута за снабдување на украинските сили кои сè уште се присутни во Курск.
Рускиот напредок доаѓа откако претседателот Трамп одлучи да ја прекине американската воена помош и размена на разузнавачки информации со Украина – одлука што Белата куќа ја брани како сурова, но неопходна за „притисок“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски да прифати прекин на огнот, пишува „Си-би-ес Њуз“.
Сирски изјави вчера дека динамиката на борбите меѓу регионите Курск и Суми е „под контрола на украинските одбранбени сили“.
Тој, исто така, се осврна на загриженоста што кружи во украинските медиуми дека руските сили би можеле да ги опколат украинските војници, велејќи дека во моментов не постои закана од опколување на нивните единици во регионот Курск.
Сепак, тој призна дека украинските сили попуштаат под зголемениот руски притисок и мора да се повлечат на позиции кои се полесни за одбрана. „Единиците ги преземаат неопходните мерки за маневрирање кон поволни одбранбени линии“, рече тој.
Текстот Шефот на украинската армија: Ги зајакнуваме силите во Курск е превземен од МАКФАКС.