Босна и Херцеговина мора да биде во постојана готовност поради малигното руско влијание, а наводите за обука на лица кои требаше да предизвикаат немири во Молдавија за време на минатонеделниот референдум и претседателските избори треба да бидат темелно истражени, предупреди министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ.
Молдавската полиција извести дека минатата недела извршила рации низ целата земја и уапсила неколку лица под сомнение дека подготвувале немири по инструкции од Русија кои требало да го попречат референдумот.
Истрагата на молдавската полиција претходно доведе до информации дека Русија вложила значителни ресурси и пари за да не го попречува референдумот и да влијае на претседателските избори, па затоа организирале специјална обука на своја територија, но и во Србија и Босна и Херцеговина. Според собраните информации, таму биле обучувани млади луѓе кои требало да учествуваат во проруски демонстрации.
Во исто време кога оваа информација беше објавена од Министерството за безбедност на БиХ, на чело со Ненад Нешиќ, коалициониот партнер на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, имаше експресен демант во кој тие ги обвинија медиумите за ширење неточни информации „кои апсолутно немаат врска со Босна и Херцеговина“.
Нема потврда за постоењето на некои кампови за обука, но ОСА утврди дека пред два месеци во БиХ престојувале странски државјани „од исток“ кои може да се поврзат со обиди за организирање групи чија цел е да ги нарушат јавните собири.
После тоа, министерот за надворешни работи Конаковиќ најави дека лично ќе инсистира на Советот на министри на БиХ целата работа да се расчисти до крај, бидејќи е сигурен дека во неговата земја има луѓе кои се занимаваат со „конкретни задачи“ поврзани со руско влијание, а сега има информации и од ОСА, пренесуваат локални медиуми.
„Ова укажува и повикува на претпазливост која мора да биде постојана кај нас кои живееме во Босна и Херцеговина“, рече Конаковиќ.
Текстот Шефот на дипломатијата на Босна и Херцеговина: Мора постојано да внимаваме на малигното руско влијание е превземен од МАКФАКС.