Украина има апсолутно право да гаѓа цели во Русија од каде што беше нападната, врз основа на меѓународното право кое го гарантира правото на самоодбрана, изјави денеска шефот на делегацијата на НАТО во Киев, Патрик Тарнер, наведувајќи дека Киев веќе го користи ова право.
Тарнер во интервју за Укринформ рече дека раководството на НАТО го признава правото на Украина да напаѓа со оружје со долг дострел, како што наведе, „легитимни цели“ на територијата на Руската Федерација, но дека останува на секоја земја членка на Алијансата да дозволи употреба на оружје доставено до Украина во тие цели.
„Пред сè, според меѓународното право, Украина има апсолутно право, во рамките на правото на самоодбрана, загарантирано со Повелбата на ОН, да напаѓа воени цели надвор од нејзините граници од кои напаѓа Руската Федерација“, рече Тарнер.
Според него, земјите од НАТО годинава и дале воена помош на Украина во износ од 40 милијарди евра, наведувајќи дека членките на Алијансата речиси секоја недела носат нови одлуки за снабдување на украинската армија со различни системи за оружје и муниција. Украина во моментов користи домашно оружје, главно беспилотни летала, за напади врз цели длабоко на руска територија, кои погодија, според украинската агенција, важни цели во различни региони на Руската Федерација, особено складишта за муниција и ракети и воени аеродроми, пренесува Танјуг.
Текстот Шефот на делегацијата на НАТО во Киев: Украина има право да гаѓа цели во Русија е превземен од МАКФАКС.