Лидерите на ЕУ побараа од Европската комисија што е можно поскоро да презентира опции за финансиска поддршка за Украина за следните две години, но прашањето за користење на замрзнатите руски средства останува отворено и ќе биде повторно дискутирано на следниот самит во декември.
„Европскиот совет се обврзува да ги реши итните финансиски потреби на Украина за 2026 и 2027 година, вклучително и за нејзините воени и одбранбени напори“, се вели во текстот, кој беше поддржан од 26 земји-членки на ЕУ, сите освен Унгарија.
„Затоа, Европскиот совет ја повикува Комисијата што е можно поскоро да презентира опции за финансиска поддршка, врз основа на проценка на финансиските потреби на Украина, и ги повикува Комисијата и Советот да продолжат со својата работа за да може Европскиот совет да се врати на ова прашање на својот следен состанок“, се додава во него.
Сепак, во споредба со нацрт-заклучоците, текстот повеќе не споменува „конкретни предлози, вклучително и можна постепена употреба на готовина поврзана со замрзнатите руски средства“.
Ова значи дека сè уште нема договор за користење на замрзнатите руски средства за заем од 140 милијарди евра за Украина и дека ова ќе биде повторно дискутирано на следниот самит во декември.
Пред почетокот на самитот, белгискиот премиер Барт де Вевер изјави дека има услови за согласност за заем на Украина со користење на замрзнатите руски средства депонирани во неговата земја. Белгија сака цврсти гаранции дека другите членки исто така ќе го споделат ризикот со неа во случај на евентуална арбитражна одлука дека парите мора да бидат вратени во Русија.
фото: принтскрин
Текстот Шефовите на државите од ЕУ сè уште не се договорија што да прават со замрзнатите руски средства е превземен од МАКФАКС.























