На летот, при враќањето од самитот на Г7 во Канада, американскиот претседател Доналд Трамп повторно инсистираше дека Иран е „многу блиску“ до изградба на нуклеарно оружје, и покрај спротивните проценки од американските разузнавачки агенции.

Според „Скај њуз“, ова е во спротивност со изјавата на Тулси Габард, која Трамп ја назначи за свој врвен советник за разузнавање за неговиот втор мандат. Габард му рече на Конгресот во март дека американските агенции веруваат дека Иран „не гради нуклеарно оружје“ и дека врховниот лидер на земјата „не ја одобрил нуклеарната програма што ја суспендирал во 2003 година“.

Кога новинарите денес го прашаа за оваа контрадикција, Трамп ги отфрли изјавите на Габард: „Не ме интересира што таа (Тулси Габард) рекла“, рече Трамп. „Мислам дека беа многу блиску до тоа да го добијат“.

Ројтерс објави дека американските претставници изразиле загриженост за активностите на Иран околу нуклеарните постројки, иако Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) не пронашла докази за обновена воена нуклеарна програма.

„Си-би-ес Њуз“ истакнува дека европските лидери на самитот на Г7 повикаа на дипломатија и континуирано следење на нуклеарната програма на Иран, додека Трамп остана цврст. Во извештајот се наведува и дека врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, повторно ја отфрлил можноста за изградба на нуклеарно оружје, тврдејќи дека тоа е спротивно на иранските религиозни принципи.

Со оглед на растечките тензии, американската администрација ги интензивираше консултациите со европските партнери, а Ројтерс објави дека се очекува нова рунда разговори со цел да се спречи понатамошна ескалација и можен воен конфликт.