Списокот со имиња на киднапирани Израелци кои Хамас треба да ги ослободи во текот на денот бил доставен до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, соопштуваат од неговиот кабинет. Тоа ќе биде шеста група заложници кои се ослободени како дел од привременото примирје.
Од петокот, кога почна привременото примирје, Хамас секој ден ослободуваше по десет жени и деца киднапирани во нападите врз јужен Израел на 7 октомври, а Израел, пак, ослободуваше трипати повеќе палестински затвореници, жени и малолетни мажи.
Дванаесет заложници, од кои десет Израелци, еден Тајланѓанец и една Филипинка, како и 30 палестински затвореници, се ослободени синоќа.
Израелските медиуми пренесуваат дека веќе се информирани семејствата на заложниците кои ќе бидат ослободени денеска, на вториот ден од продолженото примирје.
Договорот за прекин на огнот, постигнат со посредство на Катар, со поддршка на САД и Египет, досега дозволи ослободување на 60 израелски заложници и 180 палестински затвореници.