Шведскиот новинар Јоаким Медин може да биде осуден на 12 години затвор во Турција под обвинение за навреда на претседателот Реџеп Таип Ердоган и наводна поврзаност со терористичка организација, објави шведскиот весник „Дагенс ЕТЦ“, за кој работи Медин.
Медин беше уапсен минатиот месец по пристигнувањето во Турција, каде што требаше да известува за протестите што избувнаа по приведувањето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, водечки опозициски политичар и ривал на Ердоган, објави бриселскиот Политико.
Обвинителството го товари за навреда на претседателот, што предвидува максимална казна затвор од три години во Турција, како и за членство во Курдистанската работничка партија (ПКК), која Анкара ја смета за терористичка организација, што е казниво со затвор до девет години.
„Тој само си ја вршеше работата. Јоаким не е криминалец, а камоли терорист“, изјави главниот уредник на весникот Андреас Густавсон.
Тој посочи дека обвинувањата се политички мотивирани и дека е обид да се прикаже новинарската работа како тероризам.
Шефицата на шведската дипломатија Марија Малмер Стенергард рече дека разговарала за случајот со нејзиниот турски колега и побарала на Медин да му се дозволи да се врати во Шведска.
Односите меѓу Шведска и Турција веќе беа затегнати, особено во контекст на турското противење на шведското членство во НАТО, делумно поради шведската политика кон курдските групи.
Медин и претходно бил уапсен поради известување – во 2015 година поминал една недела во притвор во Сирија, по што со посредство на курдски функционери бил ослободен.
Судењето на Медина е закажано за 30 април.
Текстот Шведски новинар се соочува со 12 години затвор поради навреда на Ердоган е превземен од МАКФАКС.