Шведска ја освои својата петта европска титула во ракомет, прва по 20 години, откако во фантастично финале со 27:26 ја совладаа Шпанија со пенал по истекот на редовните 60 минути, прекинувајќи ја серијата од две титули во низа на „фуријата“.
Двете репрезентации играа на највисоко можно ниво, со многу промени на водството, пред во драматична завршница, „трите круни“ да ја вратат титулата по 20 години чекање и да се одмаздат за поразот од Шпанија пред четири години во Хрватска.
Жоан Кањелјас, кој беше еден од најдобрите за Шпанија во текот на мечот, направи фаул во последниот напад за Шведска, и Никлас Екберг беше сигурен за голема победа. Шпанците протестираа што во претходниот напад не беа досудени барем девет метри за нив.
Екберг и Оскар Бергендал постигнаа по пет гола за Шведска, но заслужено најдобар на мечот беше прогласен нивниот голман, Андреас Паличка, кој имаше 11 одбрани и 1 гол и кој ги држеше во живот во текот на целиот меч. Кај Шпанците, Алеиш Гомез Абелјо и Адријан Фигуерас постигнаа по пет гола.
Бронзениот медал претходно го освои Данска, која по продолженијата со 35:33 ја победи Франција./макфакс