Шведска прекинува со тестирањата за ковид-19, дури и кај лицата што покажуваат симптоми, па од денеска мобилните шатори што служеа за земање брисови се затворени, а прекинато е и праќањето тестови на домашни адреси, пренесува „Асошиејтед прес“.
Иако ова засега не е во согласност со практиките во останатите европски земји, дел од експертите наведуваат дека тоа може да стане нормално со оглед дека тестирањето не дава резултати кога е во прашање лесно преносливиот, но и поблагиот сој омикрон.
Од денеска, само здравствените работници и лицата вработени во домовите за стари лица, како и најризичните категории, ќе имаат право на бесплатно ПЦР-тестирање доколку имаат симптоми, додека од останатите граѓани едноставно ќе се побара да останат дома доколку им се појават симптоми за коронавирусот.
Брзите антигенски тестови и понатаму ќе може да се купат во супермаркетите и аптеките, но резултатите од нив не се пријавуваат на здравствените власти.
Приватните здравствени установи исто така, може да понудат тестирање и да издаваат сертификати за меѓународни патувања, но државата и здравственото осигурување нема да го покриваат тој трошок.
Високата стапна на вакцинација во Шведска влева оптимизам кај здравствените власти во врска со справувањето со вирусот, како и студијата од 2020 година, која беше објавена вчера и покажува дека кај 85 отсто од примероците земени за потребите на истражувањето има антитела.