Швајцарија ќе му понуди имунитет на рускиот претседател Владимир Путин, и покрај неговото обвинение во Меѓународниот кривичен суд, под услов да присуствува на мировна конференција, изјави швајцарскиот министер за надворешни работи Игнацио Касис.
Минатата година, федералната влада дефинираше правила за давање имунитет на лице за кое е издадена меѓународна потерница.
„Ако тоа лице дојде на мировната конференција, а не од приватни причини“, рече Касис на прес-конференција со италијанскиот колега Антонио Тајани во Берн.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја спомена можноста за мировен самит меѓу Владимир Путин и неговиот украински колега Володимир Зеленски да се одржи во Европа, и тоа би била една од неутралните земји, можеби Швајцарија. Тој додава дека се залага тоа да биде Женева, инаку и европското седиште на ОН.
Касис е целосно подготвен да организира таков состанок, истакнувајќи ја швајцарската експертиза во оваа област. Сепак, тој додава дека Русија е навредена од Швајцарија.
Имено, таа инаку неутрална европска земја одлучи да воведе санкции кон Москва во согласност со Европската Унија по руската инвазија на Украина во 2022 година.
„Постојано потсетував на мојата подготвеност (да организирам состаноци) за време на контактите со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во последните месеци (…) Ми беше кажано дека откако Швајцарија усвои европски санкции, тие природно изгубија дел од желбата да го сторат тоа во Швајцарија“, призна шефот на швајцарската дипломатија.
Текстот Швајцарија му нуди имунитет на Путин ако дојде на мировна конференција е превземен од МАКФАКС.