Процесот на проширување мора да се забрза, а Унијата да се подготви за нови членки – ова е главната порака од челниците на институциите на ЕУ на неформалниот самит во Гранада. Таму денеска се собра политичкиот врв на земјите-членки, а главна тема на дискусија е токму проширувањето, но и миграциите. Според претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, домашна задача имаат и земјите-кандидатки, но и Унијата, а потоа придобивки би имале сите. Од друга страна, првиот човек на Европскиот Совет, Шарл Мишел рече дека важно е Унијата да реши каква сака да биде во иднина.
„Искуството од проширувањето на ЕУ покажува дека тоа носи големи придобивки за двете страни. Не само за земјите кои пристапуваат, каде што рапидно ќе расте животниот стандард, туку и ЕУ има огромна придобивка од проширувањето. Нашата најголема сила е заедничкиот пазар, а проширувањето на заедничкиот пазар е огромна додадена вредност“, вели Фон дер Лајен.
„Важна дебата имаме за проширувањето. Тоа подразбира дека земјите-кандидати имаат реформи за спроведување и знаат што треба да направат, а од наша страна, од страна на ЕУ, ние ќе треба да сме подготвени. Ова е првпат после многу години за оваа тема да имаме состанок на високо ниво“, рече Шарл Мишел – претседател на Европскиот Совет.
Прашан дали 2030 година е реална цел за прием на нови членки во Унијата, еврокомесарот за безбедносна и надворешна политика Жозеп Борел, одговори дека е добро да се има видлив хоризонт. Според него, доделувањето кандидатски статус на Украина ги поместил досегашните кандидатки уште понапред во редицата и сега процесот на проширување започнал многу брзо да се движи.
„Добро е да се има цел. Добро е да се има политички хоризонт. Поставувањето рок е поради мобилизирање на политичката енергија за процесот да се движи. Во спротивно, ако нема рок, луѓето ќе си помислат дека има време, но време нема. Предолго беше одолговлекуван процесот на проширување“, рече Борел.
Неформалниот самит на шефовите на држави и влади на земјите-членки на Унијата во Гранада е увертира за декемврискиот Самит, кога се очекува 2030 година и официјално да биде поставена како цел за оние што чекаат членство. Во меѓувреме, ЕУ ќе разговара како во иднина да ги носи одлуките – дали едногласно како досега или пак ќе се избере опцијата за гласање со квалификувано мнозинство, што пак би можело драстично да го олесни приемот на нови членки.
Лука Андреев