„Опен АИ“ објави планови за ублажување на ограничувањата на својот четбот „Чат ГПТ“, вклучително и дозволување еротска содржина за потврдени возрасни корисници, во согласност со она што компанијата го нарекува „третирај ги возрасните корисници како возрасни“.
Планот на „Опен АИ“ вклучува објавување на ажурирана верзија на „Чат ГПТ“ што ќе им овозможи на корисниците да ја прилагодат личноста на нивниот ВИ (вештачка интелигенција) асистент – вклучувајќи опции за поприродни, „човечки“ одговори, поинтензивна употреба на емотикони или попријателско однесување. Најзначајната промена се очекува во декември, кога „Опен АИ“ планира да воведе посеопфатен систем за верификација на возраста што би дозволил еротска содржина само за корисници кои потврдиле дека се полнолетни. Компанијата не објави веднаш детали за методите за верификација на возраста или дополнителни заштитни мерки за таква содржина.
Во септември, „Опен АИ“ лансираше специјална верзија на „Чат ГПТ“ за корисници под 18 години, која автоматски пренасочува кон содржина соодветна за возраста и блокира експлицитен и сексуален материјал.
Компанијата, исто така, објави развој на технологија што ја проценува возраста на корисникот врз основа на тоа како комуницира со „Чат ГПТ“.
Во објава на „Икс“, извршниот директор на „Опен АИ“, Сем Алтман, рече дека построгите заштитни мерки воведени поради проблеми со менталното здравје го направиле четботот „помалку корисен и забавен за многу корисници кои немаат проблеми со менталното здравје“.
Построгите безбедносни контроли беа воведени откако Адам Реин, тинејџер од Калифорнија, изврши самоубиство оваа година; Неговите родители поднесоа тужба во август, тврдејќи дека „Чат ГПТ“ му дал конкретни совети за тоа како да го направи ова. Само два месеци подоцна, Алтман изјави дека компанијата успеала во ублажување на сериозни проблеми со менталното здравје.
Федералната трговска комисија на САД (FTC) исто така почна истрага за неколку технолошки компании, вклучувајќи ја и „Опен АИ“, за тоа како четботовите со вештачка интелигенција можат негативно да влијаат врз децата и тинејџерите.
Текстот „Чат ГПТ“ ќе може да се користи за генерирање еротска содржина е превземен од МАКФАКС.