Црна Гора планира да започне со производство на беспилотни летала во соработка со американска компанија, а првата серија ќе биде донирана на Украина, објавија денес црногорските медиуми, повикувајќи се на „писмо за намери“ усвоено од владата во Подгорица кон крајот на мај.
Во тој документ, како што објави Радио Слободна Европа, црногорската влада наведува дека оваа иницијатива ќе ги подобри капацитетите на војската во однос на НАТО, ќе ги поддржи одбранбените потреби на Украина, како и позицијата на Црна Гора како сигурен снабдувач на најсовремена одбранбена опрема на глобалниот пазар.
Се нагласува дека договорот вреден 15 милиони долари ќе биде поддржан и од американската администрација предводена од претседателот Доналд Трамп. Писмото за намери усвоено од црногорската влада на 29 мај наскоро ќе го потпишат црногорскиот министер за економски развој Ник Ѓељошај и Роберт Џ. Донахју, директор на компанијата „Бај Лајт Профессионал ИТ Сервисиз ДОО“. Тоа ќе биде претходница на договорот што треба да се потпише во септември.
Договорот предвидува користење на компании од Црна Гора и регионот за тестирање на воздушни и подводни технологии на беспилотни системи. Исто така, се наведува дека владата на Црна Гора се согласува да ја донира првата серија беспилотни системи од рано производство и сродна одбранбена опрема на Украина.
Амбасадата на САД објави дека договорот, доколку биде одобрен, ќе промовира заедничка безбедност, стабилност и напредок и дека владата на САД ги охрабрува сите земји-партнери да инвестираат и да соработуваат со американските компании.
„Инвестирањето во одбранбени капацитети, како што се американските беспилотни воздушни системи, ја покажува сериозноста на Црна Гора во исполнувањето на своите обврски кон Алијансата во време кога бараме од Европа да преземе поголем товар за нејзината безбедност“, порачаа тие.