На светските пазари минатата недела цената на нафтата падна, четврти пат по ред, бидејќи трговците стравуваат дека поради забавувањето на растот на најголемите светски економии ќе ослабне побарувачката за „црното злато“. Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 1,5 отсто, на 74,17 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 1,8 отсто, на 70,04 долари.
Падот на цените четврта недела по ред е резултат на стравувањата на трговците од слабеење на побарувачката, со оглед на забавувањето на растот на најголемите светски економии. Серија неодамнешни податоци покажуваат дека закрепнувањето на кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, не е толку брзо како што се очекуваше по укинувањето на рестриктивните мерки за коронавирусот.
Од друга страна, растот на американската економија, најголемиот светски потрошувач на нафта, забавува веќе подолго време, бидејќи централната банка на земјата веќе една година ги зголемува каматните стапки за да ја спречи инфлацијата.