Цените на нафтата на светските пазари паднаа и минатата недела, вторпат по ред, бидејќи понудата од Блискиот Исток не е нарушена, а побарувачката може да падне поради слабоста на најголемите светски економии. На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 6,2 отсто, на 84,90 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот падна за 5,9 отсто, на 80,50 долари.
Иако се интензивира, конфликтот меѓу палестинската организација Хамас и Израел засега не го наруши снабдувањето со нафта од Блискиот Исток.
„Нафтениот пазар внимателно ќе следи дали ќе се појават знаци на ескалација на тензиите на Блискиот Исток, особено на границата со Либан, со оглед на честите напади на Хезболах“, рече Фиона Цинкота од Сити Индекс.
Доколку конфликтот се прошири во тој регион, може да дојде до прекин на испораките на нафта. Сепак, тоа сè уште не е случај.