Светските берзи бележат повторен раст не цените на енергенсите. Барел нафта се продава за 116 долари, додека природниот гас 1.400 долари за метар кубен. Енергетските експерти во земјава велат дека цените нема да се намалуваат во време на оваа криза кога побарувачката е значајно зголемена.
„Јасно е дека ќе расте цената на енергенсите. Владата мора да ги следи цените иако велиме РКЕ ги дефинира цените, гледаме дека многу влијае Владата со своите одлуки, каде што дел од средствата кои што се преливаат од цената на горивата, и ако таа реши да се откаже од нив за олеснување на граѓаните има можност. Но ако на Владата и требаат пари нема да се откаже и ние како граѓани ќе треба да ги редуцираме трошоците за нашите возила“, изјави Константин Димитров- Универзитетски професор.
Во меѓувреме Владата информираше дека земјава ќе биде дел од платформата на ЕУ за заедничко купување на течен гас, со цел да се минимизира зависноста од рускиот гас.
„Благодарение на оваа стратегија за справување со последиците од војната и енергетската криза Северна Македонија станува дел од оваа платформа на ЕУ за заедничко купување течен природен гас од САД за да се ослободиме делумно од зависноста од рускиот гас“, велат од Влада на РСМ.
Сепак за Димитров земјава за ваква испорака на течен гас ќе треба да одвои многу поголема сума на пари за разлика од рускиот гас, а дополнителен проблем е и транспорот.
„Европа нема доволно такви станици за претварање на гас од течност во гасна форма. Ние имаме можност да се снабдуваме еднинствено преку нашиот гасовод кои што преку Бугарија доаѓа во Македонија. Да го транспортираме со цистерни камионски не доаѓа во предвид. За овој дел од Балканот има само две станици да се прими од танкери, едниот е кај Атина, а еден во Турција и од таму течниот гас се претвара во гас“, нагласи Константин Димитров- Универзитетски професор.
Американскиот претседател Бајден вчера најави дека САД ќе и достават на Европа 15 милијарди кубни метри течен гас, со цел да се намали зависноста од рускиот гас.
Андреа Чобанова