Жестоки борби во текот на ноќта и утрово во градот Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, откако Израел ја продолжи копнената офанзива. Израелските сили се соочуваат со отпор и во северниот дел на Газа, каде цели населби се срамнети со земја и каде израелските трупи оперираат веќе шест недели.
Обединетите Нации предупредуваат дека половина од населението на Газа е гладно, а девет од десет луѓе таму не можат да јадат секој ден.. Групите за помош на ОН велат дека Газа се соочува со хуманитарна катастрофа и е на работ на епидемии од болести и глад. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го повтори својот повик за прекин на огнот во Газа и рече дека постои висок ризик од целосен колапс на системот за хуманитарна поддршка во Газа.
„Здравствениот систем е пред колапс. Ситуацијата брзо се влошува и може да се претвори во катастрофа со неповратни импликации за Палестинците, но и за мирот и безбедноста во регионот. Го повикувам Советот за безбедност да изврши притисок за да се избегне хуманитарна катастрофа и да го повтори мојот апел за прогласување хуманитарен прекин на огнот“, изјави Антонио Гутереш, Генерален секретар на ООН.
Израел се соочи со критики и повици за прекин на огнот бидејќи беа убиени илјадници палестински цивили и раселени се речиси 85 отсто од населението. Според агенциите на ОН, околу 1,9 милиони луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови. /Алсат.мк