Американската организација за заштита на човековите права Хјуман рајтс воч денеска објави дека масовното убивање на палестинските цивили во Појасот Газа од страна на израелските војници претставува „чин на геноцид“ врз основа на Конвенцијата за геноцид од 1948 година.
„Хјуман рајтс воч“ посочува дека ускратувањето на вода од страна на Израел за Палестинците во Појасот Газа, исто така, претставува „геноцид“.
„Она што го откривме е дека израелските власти намерно убиваат Палестинци во Газа со тоа што им ја ускратуваат водата што им е потребна за да преживеат“, рече директорот на организацијата за Блискиот Исток, Лама Факи, на прес-конференција.
Во извештајот на Хјуман рајтс воч на 184 страници се наведува дека израелската влада го прекинала снабдувањето со вода и електрична енергија за Појасот Газа и го ограничила снабдувањето со гориво.
„Како резултат на тоа, Палестинците во Газа имаа пристап до само неколку литри вода дневно во многу области, далеку под 15 литри потребни за опстанок“, се вели во извештајот.
Во ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото. Тие ги негираат обвинувањата.
Израел постојано ги отфрла обвиненијата за геноцид, велејќи дека го почитува меѓународното право и има право на самоодбрана откако палестинската милитантна група Хамас го нападна јужен Израел на 7 октомври 2023 година, при што уби околу 1.200 луѓе и киднапираше околу 250 лица.
Текстот Хјуман рајтс воч: Израел изврши геноцид во Газа е превземен од МАКФАКС.