Извршниот директор на меѓународната организација Хјуман рајтс воч, Тирана Хасан денеска оцени дека враќањето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Белата куќа следната недела ќе ги загрози слободите во таа земја и надвор од неа.
Таа изјави дека вториот мандат на Трамп може да биде „поштетен од првиот“.
„Првиот мандат на администрацијата на Трамп ни покажа за што се тие способни, а особено го покажа нивниот недостаток на посветеност на човековите права. Но, Проектот 2025 и изјавите што ги слушнавме од новоизбраниот претседател веќе почнаа да покажуваат дека ќе има генерален напад, во суштина, врз правата на мигрантите“, рече Хасан, според Ројтерс.
Таа оцени дека реториката на Трамп може да ги охрабри „автократите ширум светот да воведат слични политики“.
Покрај тоа, таа ја критикуваше администрацијата на претседателот во заминување Џозеф Бајден за големи испораки на оружје за Израел за време на нападот на таа земја на Појасот Газа, и покрај „јасните докази дека тие биле користени за извршување злосторства“.
„Минатата година не беше нешто со што може да се гордее администрацијата во заминување“, рече Хасан, пренесува Танјуг.
Текстот Хјуман рајтс воч: Враќањето на Трамп ќе ги загрози човековите права во САД и во странство е превземен од МАКФАКС.