Јеменските Хути соопштија дека нема да прекинат со нападите во Црвеното Море додека Израел не стави крај на војната против Газа, не ја укине опсадата и не дозволи влез на хуманитарна помош во сите делови на палестинската енклава, пренесува Агенцијата Анадолу.
-Потврдуваме дека ставот на Јемен останува непоколеблив за Газа до прекинот на израелската агресија, укинување на блокадата и влегување на помошта во сите делови на Појасот, порача портпаролот на Хутите, Мухамед Абдул Салам, преку платформата X.
Додаде дека Јемен нема да го напушти овој став, кој го смета за верска, морална и хуманитарна одговорност.
Хутите ги напаѓаат товарните бродови поврзани со Израел во Црвеното Море и Аденскиот Залив во знак на солидарност со Палестинците од ноември минатата година.
Нападите, во знак на солидарност со Палестинците кои се соочуваат со израелски бомбардирања во Газа, ја нарушија меѓународната трговија на најкратката поморска рута меѓу Европа и Азија.
Како одговор на нападите на Хутите, војските на САД и Велика Британија вршат заеднички напади врз Хусите.
Во заедничката изјава вчера, амбасадите на САД, Велика Британија, Австралија, Канада, Јапонија и Нов Зеланд ги повикаа Хутите да ги прекинат своите напади нагласувајќи дека тие водат само до „дестабилизација на регионот и му нанесуваат штета на јеменскиот народ“.
Израел воведе воздушна, копнена и морска блокада на Појасот Газа од 2007 година. Ја започна својата војна против Газа по прекуграничниот упад на Хамас на 7 октомври минатата година. Во израелските напади досега загинаа над 31.000 Палестинци, а енклавата е турната на работ на глад.
Х.С.