Хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, најави евакуација на хрватски дипломати од Израел и Иран.

„Со оглед на тоа што и други земји ги евакуираат своите дипломати и претставништва од Техеран, одлучено е дека ќе го евакуираме и амбасадорот и персоналот на амбасадата од Техеран преку безбедни гранични премини што ги користат други дипломати. Таква евакуација ќе се спроведе и за амбасадата, односно за вработените од Тел Авив“, изјави Грлиќ Радман за новинарите по владина седница.

На прашањето кога ќе започне евакуацијата од Тел Авив, тој рече дека министерството е во постојан контакт со амбасадорот и вработените.

„Видовте што му се случи на колега во станбена зграда каде што неговиот стан беше целосно уништен. Таа ужасна експлозија се случи на три метри од него. Генерално е чудо што воопшто преживеал толку разорна експлозија“, рече Грлиќ Радман.

Министерот зборуваше за хрватскиот конзул Ивица Сертиќ и неговата сопруга Катица, кои беа лесно повредени во првиот ирански одговор на израелскиот напад. Тие поминаа со гребнатини и посекотини. Нивниот стан беше целосно уништен.

Министерот, исто така, нагласи дека се работи на евакуација, односно репатријација на хрватските граѓани од Израел и Иран.

„Со оглед на фактот дека воздушниот сообраќај е затворен или во голема мера ограничен, главно се користат копнени патишта и комуникација преку безбедни земји, како што се Египет и Јордан“, објасни тој.

Текстот Хрватска ќе ги евакуира своите дипломати од Израел и Иран е превземен од МАКФАКС.