Поради коронавирусот во Кина, некои луксузни хотели почнаа програми за згрижување деца, што им го олеснува животот на родителите кои се под дополнителен стрес поради работата од дома.
Иако луѓето во многу делови од светот се враќаат на работа во канцеларии, а децата на училиште, карантин-режимот низ Кина продолжува додека земјата сѐ уште се бори со пандемијата. Бидејќи ова ги остава родителите со предизвикот да останат сосредоточени на работата покрај интернет-часовите за децата, неколку хотели во кинеските градови понудија програма за учење и одмор наречена просто – „Учење“.
Еден од тие хотели е „Мандарин ориентал пудонг“ во Шангај, кој воведе неделен пакет од околу 900 евра. Луксузното одморалиште ќе прима ученици на возраст од седум до 16 години, од понеделник до петок. Цената вклучува три оброци на ден и батлер кој ќе ги надгледува интернет-часовите.
И неколку луксузни хотели во Нанџинг нудат слични услуги. Такви се „Парпл палас“ којшто покрај помош за школувањето, нуди и дополнителни активности (часови по голф, за скулптура или фигурини од оризово тесто), како и „Санинг универзал“ хотелот.