Актуелниот шампион во кралската класа, Хорхе Мартин најверојатно ќе мора да остане во болница во Доха најмалку две недели поради скршеници на ребрата со кои се здоби за време на ГН на Катар. Шпанецот најверојатно ќе отсуствува од патеките околу три месеци.

Возачот на Априлија се врати на патеката минатиот викенд, откако ги пропушти првите три трки поради бројните повреди кои ги претрпе уште пред почетокот на сезоната.

Мартин прво се здоби со скршеници на раката и стапалото за време на првиот ден од предсезонското тестирање во Сепанг, а една недела пред првата трка ја скрши другата рака.

Шпанскиот мотоциклист се врати минатиот викенд, но имаше тежок пад, откако во спринтот го освои 16-тото место, на осум круга пред крајот на главната трка на патеката „Лусаил“.

Со деталните прегледи најпрво е утврдено дека морал да остане во болница поради пневмоторакс, а имал вкупно 11 скршеници на ребрата кои, за среќа, не ги зафатиле мозокот, пршлените и абдоминалните органи.

Од таборот на Мартин изјавија за „motorsport.com“ дека возачот на Априлија има големи болки и дека особено го мачи цевката која е интубиирана за пневмоторакс, која може да биде отстранета во следните четири до седум дена.

Враќањето во Шпанија е приоритет за Мартин, но поради болки летањето во моментов е практично невозможно.

„Ако се биде добро, Хорхе би можел да се обиде да се врати во Шпанија за околу две недели, можеби и три“, вели истиот извор.

Без разлика кога ќе се врати на патеката, лекарот кој често ги лекува возачите истакна дека Мартин би можел да биде надвор од патеката не помалку од три месеци, секако во зависност од дополнителните прегледи за сите повреди што ги има.

Откако се здоби со три сериозни повреди за помалку од два месеци и со оглед на двата насилни падови по закрепнувањето, Шпанецот сигурно нема да смее да брза со враќањето.

Доколку се точни прогнозите дека ќе мора да паузира три месеци, најрано што Мартин би можел да се врати е Германското ГП, од 11 до 13 јули или една недела подоцна, кога Мото ГП шампионатот се сели во Брно.

Следната трка од Мото ГП шампионатот се вози за Големата награда на Шпанија од 25 до 27 април.

Текстот Хорхе Мартин ќе отсуствува најмалку три месеци е превземен од МАКФАКС.