Мислам дека имаме суштински проблеми со премиерот на Косово, Албин Курти и прашање е дали Соединетите Американски Држави можат да сметаат на него како на партнер, вели американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, во интервју за Гласот на Америка.
Тој вели оти не се сеќава на толку длабоки поделби меѓу Приштина и Вашингтон, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Американскиот амбасадор оценува дека Србија покажала конструктивен и партнерски однос во врска со деескалацијата на актуелната криза на северот на Косово, но дека од неа сепак се очекува да ги признае косовските документи и да не го спречува членството на Приштина во меѓународните организации.
Интервјуто на Хил следува откако неделава американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово Мирослав Лајчак презентираа предлози до Белград и Приштина за деескалација на тензиите на северот на Косово, нови избори на кои ќе учествуваат и Србите и враќање на дијалогот за нормализација.