Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, во февруари минатата година ја објави својата одлука да го напушти Мерцедес по 12 години соработка и да ја продолжи кариерата во Ферари. 40-годишниот Британец, кој со Мерцедес освои шест шампионски титули по дебито со Мекларен, се натпреварува во Формула 1 од 2007 година.

Хамилтон возењето за Ферари во Формула 1 го опиша како остварување на детскиот сон, а со славниот тим потпиша повеќегодишен договор со плата од околу 50 милиони евра по сезона. Пред да го напушти Мерцедес, Хамилтон на сите 3.000 вработени им поделил подароци.

Според англиските медиуми, Хамилтон го ангажирал познатиот мотоспорт уметник Пол Оз, човекот кој создаде бисти на легендарни возачи како Аиртон Сена, Брус Мекларен, Џејмс Хант… за да создаде ново уметничко дело, слика од неговиот автомобил на ГН на Монако во 2019 година.

Оригиналната слика во масло виси во седиштето на тимот во Бракли, а секој член на персоналот на Мерцедес доби свој отпечаток од уметничкото дело. Самиот Оз го потврди ова во објава на Инстаграм која подоцна ја избриша.

„Сега кога е познато и сите 3.000 вработени во Мерцедес ГП ги добија своите копии од ова, можам да зборувам за тоа. Нарачката ја направи Луис како подарок за заминување за сите во Мерцедес… Потег што покажа големина“, рече уметникот, додавајќи:

„Мојата единствена должност беше да се фокусирам на болидот, а не на Луис, па решив да сликам слика од Монако 2019 година, само неколку дена откако Ники Лауда почина и тимот го обои системот за заштита „хало“ во црвено во негово сеќавање“.

Текстот Хамилтон на заминувањето од Мерцедес на секој од 3.000 вработени му дал ист подарок е превземен од МАКФАКС.