Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, проговори за емоциите кои ги доживеа по победата на Големата награда на Бразил.
– Тоа беше тежок викенд за сите. Мислам дека бев инспириран од концентрацијата и одлучноста на сите во тимот. По казната поради замена на моторот, сите во тимот останаа позитивни и одлично се претставија. Механичарите работеа фантастично и имавме силна стратегија, изјави Хамилтон.
Британецот додаде дека етапата во Бразил бил најдобриот викенд за него во тековната сезона, а можеби и во кариерата.
– Тешко беше да се пробиеме до врвот, но знаев дека тоа може да биде возможно и само дадов сета моја сила. Ова е дефинитивно еден од најдобрите викенди за мене, ако не и најдобар во мојата кариера, нагласи Хамилтон.
Триесет и шестгодишниот возач во спринтот успеа да се пробие од 20. место на петтото, а во трката тргна од 10-то поради казната и на крајот стана победник на Големата награда на Бразил.
Во моментов, возачот на Ред Бул, Макс Верстапен (332,5 поени) е на првото место во Генералниот пласман во Формула 1. Хамилтон е на второто место со 318,5 бодови. На третата позиција е Валтери Ботас, исто така пилот на Мерцедес (203 поени). (МИА)