Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека е подготвена веднаш да започне преговори по „последното предупредување“ од американскиот претседател Доналд Трамп, во кое бара да прифатат договор за ослободување на израелските заложници од Газа.

Хамас потврди доцна синоќа дека добил „некои идеи од американската страна со цел постигнување преговори за прекин на огнот“, додавајќи дека „го поздравува секој потег што ќе помогне во напорите за запирање на агресијата врз народот“.

Организацијата соопшти дека е „подготвена веднаш да седне на преговарачка маса за да разговара за ослободување на сите затвореници во замена за јасна декларација за крај на војната, целосно повлекување од Појасот Газа и создавање независен палестински комитет за управување со Појасот Газа“.

Изјавата дојде кратко откако Трамп напиша на својата мрежа Truth Social дека „Израелците ги прифатија неговите услови“, без да даде детали. „Време е Хамас да ги прифати. Го предупредив Хамас за последиците од неприфаќањето. Ова е моето последно предупредување, нема да има второ!“ додаде Трамп.

„Сите сакаат заложниците да се вратат ДОМА. Сите сакаат оваа војна да заврши“, рече американскиот претседател.

САД, Катар и Египет посредуваат во индиректните разговори меѓу Израел и Хамас за завршување на војната во Газа, која започна со напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а повеќе од 250 беа киднапирани.

Повеќе од 64.000 Палестинци се убиени во Газа од тогаш, според локалните здравствени власти управувани од Хамас, бројка што Обединетите нации ја сметаат за веродостојна. Според израелските бројки, 48 заложници остануваат во крајбрежната енклава, а се верува дека 20 се живи.

Текстот Хамас одговори на „последното предупредување“ од Трамп е превземен од МАКФАКС.