Јапонскиот суперкомпјутер „Фугаку“ е на врвот на уште една светска листа најбрзи суперкомпјутери. Овојпат го зазеде првото место на меѓународниот проект „Топ 500“, објави телевизијата НХК.
„Фугаку“ првпат беше признаен како најбрз во светот во јуни 2020 година. Со полн капацитет, тој беше лансиран во март оваа година во компјутерскиот центар на Јапонскиот државен институт за природни науки во Кобе. Создаден е од корпорацијата „Фуџицу“ заедно со стручњаците на Институтот.
Компјутерот може да изврши повеќе од 442 квадрилиони пресметки во секунда. Тоа е околу трипати поголема брзина од онаа на суперкомпјутерот „Самит“ во Националната лабораторија на САД во Оук Риџ, Тенеси, којшто е на второто место.
На третото место е уште еден американски суперкомпјутер – „Сиера“.
„Фугаку“ се користи за повеќе од 100 истражувања, вклучително и тоа за пандемијата, за развојот на вештачката интелигенција и временска прогноза. Носи едно од имињата на планината Фуџи, што е света за Јапонците.