Францускиот амбасадор во Израел, Фредерик Журн, изјави дека кампањата на Франција за признавање и собирање поддршка за признавање на палестинска држава е од суштинско значење за поддршката на арапските земји во разоружувањето на палестинската милитантна група Хамас.
„Нашето признавање на Палестина беше клучен лост што го искористивме заедно со Саудиска Арабија за да ги ангажираме муслиманските и арапските држави да прифатат идна нормализација на односите со Израел. Ова ги наведе земјите како Катар да кажат дека иднината на Газа мора да биде без Хамас“, изјави Журн за израелските новинари, како што објави „Тајмс оф Израел“.
Тој додаде дека иако одлуката на Франција да ја признае палестинската државност во Израел често се прикажува како награда за „теророт и заканата за израелската безбедност“ од палестинското милитантно движење Хамас, тоа „не е тоа“. Тој истакна дека процесот поддржан од Франција преку признавањето на палестинската државност „содржи предлог потпишан дури и од Арапската лига за иднината на нормализирање на односите со Израел заедно со палестинска држава“.
Фредерик Журн се осврна на декларацијата потпишана на конференцијата на Обединетите нации во јули од страна на арапските и муслиманските земји – вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Катар, Египет, Јордан и Турција, во која тие за прв пат го осудија нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, заедно со барањето за ослободување на сите заложници и разоружување на Хамас. Тој повтори дека декларацијата ги повикува Палестинските власти не само да соработуваат со Израел, туку и да се обврзат да бидат демилитаризирана држава.
„Безбедноста на Израел е исклучително важна за нас. Мирот е тежок. Единственото нешто што е потешко е војната“, заклучи амбасадорот.
Фото: принтскрин
Текстот Францускиот амбасадор во Израел: Признавањето на Палестина е од суштинско значење за разоружување на Хамас е превземен од МАКФАКС.