Француската влада, по неколку други европски земји, како Велика Британија и Данска, денеска почнува со укинување на дел од рестрикциите против ковид-19. Одлуката предизвикува поделби поради сè уште проблематичната здравствена ситуација.

Франција почнува со укинување на мерките само неколку часа откако „Фајзер/Бионтек“ најави дека ќе бара итно одобрување во САД за употреба на вакцината против ковид-19 за деца на возраст од шест месеци до четири години.

Како што пренесуваат француските медиуми, доколку Американската агенција за лекови (ФДА) даде зелено светло, тоа ќе биде дополнителна алатка за заштита од коронавирусот, кој особено брзо циркулира во училиштата. Во француските училишта само четири отсто од децата на возраст од 5 до 11 години се вакцинирани.

Претседателот Емануел Макрон рече дека сака, доколку трендовите останат како што се сега, во февруари и март да се олеснат мерките во училиштата. Тоа прашање денеска ќе се најде на дневен ред на штабот за борба против пандемијата. Во пресрет на таа одлука, Французите од денеска повеќе нема да мора да носат маски на отворено, а работата од далечина веќе не се наметнува туку само се препорачува. Од 16 февруари, диско клубовите, кои се затворени од 10 декември, ќе можат повторно да се отворат и повторно ќе бидат дозволени концерти.

Прикажи повеќе