Францускиот Сенат синоќа едногласно усвои нов закон кој налага дека на малолетниците под 15 години ќе им биде неопходна согласност од родителите за да може да користат социјални мрежи, како што е Тик-ток.

Законот им налага на социјалните мрежи задолжително да користат систем за проверка на возраста и дали малолетниците имаат дозвола од родителите. За ова, социјалните мрежи треба да користат технички решенија во согласност со упатствата кои ги утврдило француското регулаторно тело „Арком“.

Платформите што нема да ги почитуваат правилата може да добијат казна во висина од еден отсто од нивниот глобален приход.

Исто така, законската регулатива им овозможува на родителите да побараат суспендирање на профилите на социјалните мрежи на нивните деца.

Законот е дел од неодамнешните потези кои ги презеде француската влада со цел да влијае на времето што децата го поминуваат пред екраните и да ги заштите од кибермалтретирање и други злосторства во онлајн просторот.

Франција се реши на ваков чекор бидејќи постоечките прописи, како што пренесуваат француските медиуми, главно се фокусирани на собирање лични податоци и не успеваат да влијаат врз пристапот на децата до социјалните мрежи. На пример, тие теоретски се забранети за деца помали од 13 години, но според француската Национална комисија за технологија и слобода, повеќе од половина од децата на возраст од 10 до 14 години користат Снепчет и Инстаграм.

Нови правила ќе стапат на сила откако ќе се објават во „Службен весник“, но кога ќе се случи тоа е нејасно бидејќи по одобрувањето во Сенатот не беше прецизиран датум, а допрва треба и Европската комисија да проверува дали е во согласност со правото на ЕУ.