Францускиот државен секретар за европски прашања Клеман Бон, рече дека има политичка волја во Софија и Скопје, но дека сѐ уште не може да вети дека преговорите со Северна Македонија ќе започнат за време на француското претседателство, јави дописничката на МИА од Брисел.
Ова Клеман Бон го изјави денеска на прес – конференцијата после Советот за општи работи на ЕУ во Брисел.
Запрашан да ја коментира изјавата на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, дека двете страни напредуваат во билатералните преговори, Бон потврди дека има позитивни сигнали.
-Бев во Бугарија после новата влада, разменив неодамна со бугарските власти и премиерот Петков, има сериозен ангажман и во Скопје и во Софија за да се најде решение за спорот, но не можам да прејудицирам, можам само да ги потврдам позитивните сигнали. Ако има резултат од тие сигнали, тогаш француското претседателство ќе го отпочне процесот, но во овој миг нема доволно потпора да се каже дека ќе отпочнеме, изјави Бон.
Францускиот државен секретар потсети дека Бугарија е единствената која се противи на оваа одлука.